Skip to end of metadata
Go to start of metadata

Даниела Младеновска

24 април 2015

Од 20 до 24 април 2015 година во Прага се одржа Шестата конференција на EUREM (European Energy Manager - EUREM), со цел размена на искуство на повеќе од 170 енергетски менаџери од 19 земји.

Конференцијата понуди широк спектар на тематски работилници и голем број проекти за подобрување на енергетската ефикасност, изработени од посетителите на EUREM обуките во различни земји ширум светот.

На крајот од Конференцијата беа доделени EUREM награди за најуспешните проекти во секоја од следните три категории: мали, средни и големи компании.

Но, за каков концепт се работи?

Здружението EUREM, формирано од страна на Стопанската комора во Нирнберг - Германија, во соработка со истакнати професионалци - инженери и универзитетски професори, во улога на предавачи, започнува со целна едукација од областа на енергетската ефикасност. Курсевите се наменети за професионалци од различни инженерски дисциплини и вработени на различно менаџерско ниво, а стекнатите знаења од курсот ќе им помогнат за идентификување на потенцијалот за подобрување на енергетската ефикасност во нивните компании, како и поголема теоретска подготвеност при донесувањето на инвестициските одлуки.

Од година во година овие курсеви се прошируваат во сè поголем број земји, речиси на сите континенти. Од март 2014 година и Македонија станува дел од ова семејство. Локален партнер во изведувањето на овие обуки за енергетска ефикасност во Македонија е КОСМО Иновативен Центар. Обуката ја изведуваат 11 обучувачи, кои се магистри или доктори по технички науки, но имаат и професионално искуство во индустријата, односно практиката.

Првата генерација енергетски менаџери во Македонија веќе ја заврши успешно оваа обука. На Конференцијата во Прага најдобриот учесник од оваа прва група за обука во Македонија, исто така, доби EUREM награда. Тоа е дипломираниот електроинженер Златко Ѓурчиноски од Вардар Доломит Гостивар.

Во Чешка, домаќинот на овогодишната конференција, обуките се организираат уште од 2008 година преку Чешко-германската стопанска комора. Во своето обраќање на отворањето, Бернард Бауер, член на Извршниот одбор на Чешко-германската стопанска комора, која ја организираше овогодишната конференција, е убеден во повеќекратните придобивки на EUREM курсот: „Сакаме да покажеме дека потенцијалот за заштеда на енергија во економијата, особено во индустријата е огромен. За жал, примерите за примена на мерки за заштеди на енергија, односно имплементација на проекти за енергетска ефикасност во практика се доста мали. Ние сакаме глобално да ја смениме таа слика“, истакна Бауер.

Д-р Штефан Шварцер од Австриската федерална стопанска комора ја нагласува важноста на квалификациите кои професионалците треба да ги имаат за да ги водат успешно компаниите и бара промена во начинот на размислување. „За да се постигне заштеда на енергија, потребно е да се познаваат техничките можности. За одржливоста на еден бизнис, посебно во актуелните турбулентни времиња, ова е сериозен приоритет. EUREMplus програмата, спонзорирана од Европската Унија, ни овозможи да се организираат курсеви EUREM во уште шест други земји: Бугарија, Хрватска, Македонија, Полска, Романија и Кипар“, вели д-р Штефан Шварцер.

Долгорочната цел е да се воспостави европска компанија EUREM, која ќе работи повеќе, постојано и систематски. Освен европските земји, кои се најбројни во ова EUREM друштво, интересот е сè поголем и на другите континенти. Така, предзнакот „европски“ не е воопшто нескромно да се каже дека веќе станува „светски“. Индија, Аргентина, Египет, Мексико, Чиле, Кина, Јужна Африка, Бразил и Мароко веќе се дел од EUREM. За малобројната делегација од Македонија присутна на овој настан посебно задоволство претставуваше што сме единствените од регионот вклучени во EUREM, заедно со Хрватска и Бугарија.

Националниот проект менаџер за EUREM, Едвард Софески, изрази задоволство од досегашната имплементација на EUREM програмата во Македонија, но, исто така, ги презентираше и своите планови за унапредување на техниките на учење и презентирање на материјалите во текот на EUREM обуките. За таа цел, EUREM ќе организира работилница со меѓународно учество, која ќе биде одржана токму во Македонија.

Д-р Роберт Шмит од Комората за трговија и индустрија - Нирнберг ја нагласува важноста на меѓународната соработка: „Конкурентноста, екологијата и сигурноста во снабдувањето со енергија - тоа е клучниот триаголник. Мислам дека за редовна размена на искуства овој меѓународен состанок на енергетските менаџери е од исклучителна важност.“

За најдобри проекти оваа година во секоја од категориите (мали, средни и големи компании) беа прогласени проектите од Финска, Индија, Унгарија и Чешка. Прва награда во категоријата на мали бизниси е доделена на Адам Моравец од Чешка.

Хана Потучкова, координатор за овие курсеви во Чешка, е многу задоволна со успехот на слушателите на курсот: "Во осум години EUREM курсот во Чешка го завршија 99 посетители. Речиси 90% од нивните енергетски ефикасни проекти се реализирани во практика. Во светски рамки, EUREM има 4250 обучени енергетски менаџери.“

Претходните пет EUREM конференции се одржани во Нирнберг (2009 и 2013), Виена (2010, 2014) и повторно Прага (2011). Последнава конференција се одржа во прекрасниот амбиент на прашкиот хотел Corinthia, во конференциската сала на 24-тиот кат, од каде на учесниците им се пружаше прекрасен поглед на градот В`лтава и прашките замоци.

  • No labels