Skip to end of metadata
Go to start of metadata

Шуна Спировска

Животот на луѓето е поврзан со задоволување на различни потреби. Различноста на потребите кај луѓето е поврзана со нивните информации, нивното образование, возраст, пол, средината во која се наоѓаат, нивната куповна моќ и др. луѓето имаат потреби од храна, облека, живеалиште, образование, припадност, лични потреби и др. Но, луѓето имаат потреба од работа за да ги обезбедат сите овие различни потреби. Во таа насока луѓето имаат потреба и да се ангажираат во отпочнување и реализација на различни бизниси.

Пред извесно време слушнав една многу интересна приказна за тоа како и зошто кај некои луѓе се родила идејата за сопствен бизнис. Петар работел во едно транспортно претпријатие. Со неговата плата го издржувал неговото четиричлено семејство. Меѓутоа платата му била мала и морал да бара начин како да обезбеди повеќе средства за своето семејство. Од неговите родители слушал како неговите баба и дедо се занимавале со производство на кори за баница, баклава и др. Тој немал поим како и што треба да направи за да провери и отпочне некаков бизнис. Но, знаел дека мора да направи нешто повеќе за своето семејство. Се распрашал во неговото семејство, за тоа како се прават тие кори и што му е потребно за да работи со правење на кори. Заклучил дека со малку пари може во своите подрумски простории да отпочне со производство на кори. Така заклучил и така направил. Пред влезот на својата куќа на една табла напишал кори и кадаиф. Најпрво соседите почнале да купуваат, па потоа случајните минувачи кои ја читале таблата, па неговите колеги од работа и така натаму. Петар почнал да си обезбедува дополнителни средства за своето семејство. После извесно време работата му се развила и тој одлучил да го напушти претпријатието и да си отвори трафика на пазар и да го продава своето производство пред поширок круг купувачи. Работата тргнала. При тоа за цело време му помагала неговата сопруга. Во меѓу време дошол до идеја во трафиката да инсталира мелница за кафе и покрај кори да продава свежо мелено кафе. Идејата се покажала како солидна работа и тоа му донела можност за поголема заработувачка. Но, Петар не застанал тука. Одлучил да земе под кирија дуќан на пазарот и отворил колонијална продавница. Сега производството на кори не го сопрел, туку вработил работник кој ќе прави кори, а тој се посветил на бизнисот во продавницата. Работата добро му тргнала. На пазарот имало доста купувачи, а тој секогаш се грижел добро да ги услужи. Во меѓувреме неговите деца пораснале, завршиле средно образование и сакале да се вработат некаде. Барале работа, но работа немало. Неговата ќерка покажала интерес да работи во продавницата. Петар со задоволство ја прифатил таа нејзината желба. Неговиот син не сакал да се занимава со трговија и покажал интерес за угостителство. Петар не бил задоволен од изборот на неговиот син, но му помогнал за да отпочне со тој бизнис. Петар и неговата ќерка продолжиле со нивниот бизнис. Откако неговата ќерка се омажила, Петар одлучил, бизнисот со продавницата да и го препушти на неговата ќерка и зет, а тој почнал да размислува за нов бизнис. Неговата идеја била да го напушти бизнисот со кори и да отпочне бизнис за производство на тоалетна хартија и салфети. Побарал микро кредит и ја реализирал идејата за производство на тоалетна хартија и салвети. Тој вработил и тројца работници и сеуште се занимава со успех со тој бизнис. Во меѓувреме ќерката и зетот отворија уште еден дуќан на друг пазари и вработија уште двајца работници.

Што уште понатаму ќе преземе Петар и дали ќе отпочне со некој нов бизнис не е познато. Од тоа што досега направил Петар познато е дека тој имал повеќе идеи за бизнис и истите ги реализирал. Исто така факт е дека неговите бизниси се мали бизниси. Но, дали тој ризикувал при секоја негова идеја и одлука за нов бизнис? Секако дека ризикувал. Тој ризикувал, но успевал и успехот го споделувал со неговото семејство. Колку Петар се однесувал претприемнички во бизнисот? Во бизнисот Петар го вклучил и своето семејство. Неговата ќерка го наследи во продавницата. Дали Петар отпочнал семеен бизнис?

Идејата за сопствен бизнис, е поврзана со соодветна бизнис одлука, за реализација на конкретни бизнис активности од што се очекуваат конкретни резултати. Од идеја за сопствен бизнис до реализација на истата потребни се голем број разновидни активности. До идеја за сопствен бизнис се доаѓа поради различни причини. Тоа се причини поврзани со немање работа, поседување на капитал, информации и согледувања кои нудат можности за поголеми заработувачки и други фактори.

Започнувањето на било каква бизнис активност која треба да даде одреден резултат, се темели на идејата за таа работа. Идејата за започнување на било каков деловен потфат не доаѓа сама по себе. Најпрво, таа е резултат на одредени потреби за успех и докажување, но и на одредени согледувања,знаења, искуство, истражувања и анализи.

Идејата за сопствен бизнис е израз на потреби од различен карактер. Тие потреби може да бидат одраз на на различни состојби во кои се наоѓа носителот на таа идеја. Се смета дека идејата за сопствен бизнис се јавува како резултат на следниве ситуации:

- Немање постојана работа;
- Немање доволно средства за живот;
- Поседување на слободни финансиски средства;
- Кога некој работи во организација каде неговите претпоставени се со помала стручност, знаење и способност;
- Поради поседување на претприемнички дух.

За да се реализира одредена идеја за сопствен бизнис, најпрво е потребно истата добро да се разработи. При тоа, неопходно е да се има критички осврт кон самата идеја и нејзината зависност од факторите за успех.

Факторите за успех на бизнис идеја се однесуваат на:

- Побарувачката на пазарот, нејзината големина и нејзините потреби во однос на идејата за бизнисот;
- Конкуренцијата на пазарот во однос на нејзината големина, сличност или различност со бизнис идејата;
- Достапност на опрема за реализација на бизнис идејата;
- Достапност на стручна работна сила;
- Достапност на репроматеријали за работа.

Идејата која се однесува на конкретен деловен потфат може да биде во мали или големи димензии, но исто така таа може да биде идеја за бизнис темелен на постоечки ресурси и пазари и идеја која користи нови ресурси, е комбинација на повеќе ресурси и претставува иновативен потфат.

Малиот бизнис е предизвик на современиот начин на стопанисување. Малиот бизнис е форма на стопанисување со мали и ограничени ресурси. Малиот бизнис е можност за дејствување во различни стопански дејности со мал капитал. За отпочнување на мал бизнис е потребен мал капитал. Најчесто во малиот бизнис сопственик е еден човек, или мал број луѓе. Преку малиот бизнис се овозможува користење на локални и ограничени ресурси. Малиот бизнис делува на мали и ограничени пазари.

Многу мали бизниси долго време, па дури и за целиот свој животен век остануваат мали, скоро со истиот капацитет како на почетокот. За нив не може да се каже дека се претприемнички бизниси.

Претприемничките мали бизниси во основа трагаат по нови ресурси и можности за нивниот раст и развој. За нив промените се предизвик за изнаоѓање на нови можности кон развојот. Движечки фактор за претприемничките мали бизниси се иновациите. Тоа што, малите бизниси многу често оперираат со ретки, мали и специфични ресурси им дава можност да разработуваат и реализираат иновативни идеи за добивање на поголем профит. Малите бизниси поради нивната функционална поставеност се плодна почва за реализација на клучните фактори за претприемништво:

- Самостојно дејствување
- Иновација
- Самостоен ризик
- Независност.

Одлуката за реализација на претприемничка идеја во малиот бизнис ја донесува нејзиниот сопственик. Тоа наведува дека клучот за претприемнички мал бизнис лежи во претприемничкиот дух на неговиот сопственик.

Една од слабостите на малиот бизнис која што е поврзана со непознавања на менаџментот е карактеристика на добар дел од сопствениците на мали бизниси. Имено тие освен стручноста за дејноста со која се занимаваат не пројавуваат интерес за нови знаења, искуства а посебно истражувања на нови можности, најчесто под изговор дека добро си ја познаваат работата. Овие сопственици се личности кои се водат од своите лични цели и немаат амбиции за поголем успех задоволувајќи се со она што го добиваат во моментот. Тие својот бизнис и профитот од него го фокусираат во најголем дел на семејните потреби и желби. Се разбира дека овие сопственици не можат да се дефинираат како претприемачи и нивниот бизнис не е претприемнички.

Сопствениците на мали бизниси кои слабиот менаџмент го надминуваат со едукација од областа на менаџментот и маркетингот, со истражувања на нови можности и ресурси за работа и профитирање, со практицирање на своите нови идеи и иновации се претприемачи на својот бизнис. Претприемачките сопственици на мали бизниси се прифаќачи на новини и промени но не застануваат на тоа. Тие се ангажираат во насока на градење сопствен маркетинг концепт на својот бизнис во насока на профитирање. Претприемачот на мал бизнис е личност кој целта за профит ја гради преку иновации и растеж на својот бизнис. Тој не е само амбициозен и желен за успех, туку тој е спремен за ризик во реализацијата на свои нови идеи. Тој ги следи целокупните текови на пазарот и пошироко и превзема чекори за искористување на можностите за кои проценува дека ќе бидат профитабилни. Она што е многу важно претприемачот на мал бизнис на неуспешниот потфат најчесто одговара со реализација на некој нов деловен потфат.

Иницијативата и способноста да се тргне во пресрет на ризикот да се успее или не во врска со реализацијата на некоја идеја за нов производ, освојување на нови пазари, или слично, се однесува на активности и процеси кои со заедничко име се означуваат како претприемништво.

Откривање на можности за нов производ, нов начин на работа, нови идеи за можности од деловни потфати и прифаќање на ризикот од реализацијата на тоа укажува дека станува збор за претприемништво. Притоа се поаѓа од тоа дека нема успешна работа и деловен потфат без ризична одлука.

Претприемништвото значи изнаоѓање можности и начини создавање нови или подобри производи на пазарот. Секако дека претприемништвото за вакви деловни потфати подразбира преземање сопствен ризик. Ризикот во претприемништвото произлегува од ризикување пари и идеи во иноваторни потфати и производи. Вака поставено претприемништвото има улога на силен поттикнувач за развој на приватната сопственост и пазарната конкуренција. Претприемништвото е силен поттикнувач за успехот и развојот на пазарната економија. Претприемништвото се наметнува како еден од основните столбови на кои се потпира успехот на пазарната економија. Покрај претприемништвото за важни столбови на успешна пазарна економија се: приватната сопственост, слободно формирање на цени и конкуренцијата.

Претприемништвото не е само идеја за нови производи или за нови пазари. Претприемништвото е и реализација на идеја за производство на повеќе варијанти од еден производ. Претприемништвото е промена во начините на продажба. Кај претприемништвото е битно да се има спремност за прифаќање на ризици.

Лицата што се носители на нови идеи за нови производи или други активности во материјалното производство и услуги и го превземаат ризикот да работат на тоа поле се нарекуваат претприемачи. Значи претприемачот е лице што превзема ризик со намера да создаде нов производ или да развие подобар начин за водење бизнис, решение за зголемување на продажба и др.

Претприемачите се носители на креативен и иноваторски дух. Тие се индивидуалисти и креативци со истражувачки способности да развијат и создадат нешто ново што ќе значи некаков прогрес. Претприемачите како резултат на својот истражувачки дух се забележувачи на нови пазари, врз база на што се развиваат нови производи. Тие имаат улога на трагачи за нови начини на продажба во зголемување на продажбата.

Претприемништвото може да биде присутно во малиот бизнис

Кај малите претпријатија при неуспешен потфат може да се случат многу критични ситуации, кои кај големите претпријатија може полесно да се пребродат.

Во основа меѓу претприемништво и малиот бизнис нема некое значајно совпаѓање и покрај тоа што од површна гледна точка изгледа дека тие се слични. Малиот бизнис поаѓајќи од неговата поставеност има големи можности да биде претприемнички. Некои од карактеристиките на малиот бизнис покажуваат на тоа дека малиот бизнис овозможува:

- Зголемување на конкурентност на пазарот
- Поуспешно функционирање на пазарната економија
- Создавање специфична подлога за техничко технолошки и други иновации
- Флексибилност и способност за прилагодување и прифаќање на промените од било каков карактер.

Во овие наведени специфики на малиот бизнис се согледуваат солидни можности за создавање и реализација на претприемнички идеи.

За малиот бизнис претприемничките потфати значат скок кон голем успех. Претприемничкиот мал бизнис со сигурност се движи кон развој и прераснување во среден или голем бизнис. Претприемништвото во малиот бизнис има можности за реализација на иновации со користење на ретки, локални и периферни ресурси за кои големите бизниси најчесто не се заинтересирани.

Претприемништвото има важна улога за развојот на стопанството и пазарната економија. Оваа важност е пред се заради развивањето на иницијативите, иновациите, новите техники и технологии на производство, новите форми на продажба и с¢ друго што нуди самото претприемништво. Претприемништвото има важна улога за зголемување на производството, за зголемување на вработеноста, за остварување на поголема добивка и др. Претприемништвото ја има улогата на создавач на можности и насоки за зголемување на економскиот раст воопшто. Улога на претприемништвото е и да ја развива слободната иницијатива и приватната сопственост. Улогата во која претприемништвото е прифаќач на ризици, почива на веројатноста дека само со ризикување може да се создаде и добие повеќе.

Табела бр. 1 Разлики помеѓу мал бизнис и претприемнички мал бизнис

 

мал бизнис

претприемнички мал бизнис

идеја за бизнис поради самовработување

идеја за бизнис на база иновација

лични цели за успех

поставува цели за раст и развој

посветеност на дејноста

ги истражува и прифаќа промените и бара нови можности

користи стандардни ресурси

користи ретки и специфични ресурси

нема прецизна деловна политика

гради политика и стратегија на својот бизнис

користи рутински одлуки

донесува одлуки преку истражување и анализа

се задоволува со постојните резултати

се стреми кон повисоки резултати

мисионерско работење

визионерско работење

не ризикува

ризикува

сопственикот е директор

сопственикот е менаџер - претприемач

 

Големината на улогата на претприемништвото е во овозможувањето да се развие и зголеми искористеноста на ресурсите, а и развивање на пасивните краишта. Претприемништвото овозможува развој и на малите и на големите бизниси, што значи има голема улога за развојот на малото и крупното стопанство. Посебно претприемништвото има придонес и овозможува раст на малите во средни и големи претпријатија.

Најбитната улога на претприемништвото се состои во тоа што никогаш не потклекнува на неуспесите, туку напротив на неуспешните потфати одговара со нова иницијатива и нови идеи. Растот и развојот на стопанството и пазарната економија има голема потреба од ефектите и резултатите што се остваруваат преку растот и развојот на претприемништвото.

  • No labels